Филип Миркуловски нема да се појави во составот на македонската репрезентација на претстојниот квалификациски двомеч против Турција и Грција, на кој селекторот Гонзалес ќе проба поинаква бековска линија на дуелите на кои се очекуваат две победи на нашиот национален тим.
Името на капитенот на Вецлар не се најде на списокот на играчи за октомвриските натпревари, но според извори блиски до ракометарот ситуацијата не е алармантна. Постигнат е договор меѓу Миркуловски и Раул Гонзалес за искусниот бек да добие одмор за време на овој квалификациски циклус, се со цел да „ги наполни батериите“ и да биде што подобро подготвен за настап на Светското првенство што ги очекува нашите ракометари во јануари.
Големиот борец во последните неколку години мака мачеше со различни повреди, поради нив најави и збогување со репрезентацијата, но потоа се премисли и се врати назад во националниот тим, а останува да се види како во негово отсуство ќе се снајдат дел од помладите играчи, врз кои во иднина ќе треба и да се базира играта на „црвено-жолтите“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА