ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б. Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Филип Миркуловски ја заврши својата репрезентативна кариера, но се врати минатата зима, да помогне за време на СП 2017 во Франција. Големиот борец и на овој европски шампионат го покажа своето значење за играта на националниот тим, а добра вест е што Миркуловски планира да продолжи со настапи во репрезентативниот дрес и во периодот што следи.
„Прерано е сега да се даде ветување, бидејќи знаете дека во последните години се соочувам со бројни проблеми со повреди. За мене играњето за Македонија е чест и ако сум здрав би продолжил, но да не зборуваме ништо предвреме“ – истакна Миркуловски по вчерашниот дуел со Данска.
Македонската репрезентација го заврши натпреварувањето на ЕП 2018 со убедлив пораз од Данска, но бекот на Вецлар извлекува позитивни работи од овој шампионат.
„Штета е што не го задржавме темпото од првата рунда бидејќи искрено верувам дека поседуваме потенцијал и за уште подобри резултати. Ако треба да извлечам што е најпозитивно, тоа е настапот на помладите играчи, кои созреваат во оваа репрезентација. Сигурно, многу важно е што „децата“ растат играјќи натпревари од ЕП и од СП, против ривалите од највисока класа, луксуз што нашата генерација го немаше додека растевме, бидејќи бевме заглавени во претквалификации или порази во баражи. Овие натпревари се добредојдени за Талески, Кузмановски и останатите помлади ракометари што повеќе да напредуваат“ – истакнува Миркуловски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА