Вецлар продолжува со одлични игри на стартот од сезоната во Бундес-лигата, откако тимот на Филип Миркуловски ја врза и третата победа во низа, овојпат на гостински терен против Бергишер со 20-22. Охрабрени по извонредното издание и убедливиот триумф над Кил во минатото коло, ракометарите на Вецлар повторно одиграа беспрекорно во одбраната, што им ја донесе вечерашната победа.
Миркуловски требаше да биде асистент во стручниот штаб и да минува помалку време на теренот, но Македонецот импресионира со своето искуство, но и квалитетите, па повторно доби солидна минутажа. Долгогодишниот репрезентативец го заврши мечот со еден гол и една асистенција, а најефикасен во таборот на Вецлар беше Чавор со пет погодоци.
Мартин Томовски и Лудвигсхаген не успеаја да приредат изненадување на домашниот дуел со Магдебург, губејќи од фаворитот со 22-28. Македонскиот голман го заврши мечот со седум интервенции (еден одбранет пенал), премалку за да се земе скалпот на фаворитот.
Пораз на вечерашните дуели од Бундес-лигата претрпе и Филип Кузмановски, кој со Хановер загуби на гостувањето против Фуксе Берлин со 31-27. Кузмановски го заврши натпреварот со еден гол од три обиди да се совлада противничкиот голман.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА