Машката ракометна репрезентација на Македонија утре го почнува настапот на СП во Германија и Данска. За Македонија ова е вкупно шести настап на ракометните Мундијали, четврти во серија, петти во последнава деценија. И прв во последниве години без Филип Миркуловски. Препознатлив и тешко заменлив лик, организатор на играта и бескомпромисен борец. Истрошен од повредите и од напорите, Жути реши дефинитивно да стави крај на својата репрезентативна кариера и да им го препушти местото на помладите што доаѓаат.
И не сме само ние со промени во тимот. Важни алки во составот ќе недостасуваат безмалку во сите репрезентации на Мундијалот и посебно во нашата група Б во Минхен.
Најголем потрес доживеа репрезентацијата на Исланд која само на неколку дена пред СП остана без капитенот и најдобриот стрелец во составот. Искусниот Гудјон Валур Сигурдсон на копнтролниот натпревар со Холандија го повреди коленото и по цели две децении прв пат нема да биде дел од репрезентацијата на Исланд на големите натпреварувања.
Шпанија ќе ја брани фаворитската улога во групата без неколку добро познати имиња кои во изминатите години беа заштѕитен знак на „црвената фурија“. На голот на Шпанија ќе го нема големиот Арпад Штербик, а во тимот веќе не се ни легендарниот капитен на Барселона, Виктор Томас, го нема и Валеро Ривера, а СП на ТВ ќе го гледа и десниот бек Хорхе Македа.
Од познатите ликови во коцкестиот дрес на Хрватска, во Минхен ќе го нема Иван Чупиќ кој како и Миркуловски реши да стави крај на репрезентативната кариера. Го нема и голманот Мирко Алиловиќ, а повредите ги исфрлија од комбинација Јосип Павловиќ и Марино Мариќ.
За европски услови малку познат лик, но за Јапонија голем хендикеп ќе биде остуството на првиот голман Риосуке Сасаки кој е една од важните алки во составот предводен од селекторот Дагур Сигурдсон.
Јапонија е прв противник на Македонија, утре со почеток во 15.30 часот и ќе биде прва слика за силата и можностите на македонската репрезентација во подмладениот состав.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА