Филип Миркуловски со тимот на Вецлар претрпе минимален пораз од Лемго со 25-24 во драматичниот финиш на натпреварот од 2.коло во Бундес лигата.
Тимот на Вецлар кој капитенски го предводи македонскиот репрезентативец, во поголем дел од натпреварот беше во предност од 1-2 гола. На полувремето гостите водеа со 12-14, а на стартот од вториот дел стигнаа до највисоки +3 (13-16). Вецлар имаше два гола и во финишот на мечот (22-24), но домаќините беа поуспешни во завршните секунди. Постигнаа три гола во серија и со последниот напад Фабијан ван Олфен со деветиот погодок донесе пресврт и триумф на Лемго
Миркуловски го заврши натпреварот со три гола од четири обиди, дополнето и со две асистенции. Најефикасен во составот на Вецлар беше Стефан Чавор со осум гола.
Втора победа во вториот натпревар од новата сезона во Бундеслигата запиша Филип Талески со Рајн Некар Левен. „Лавовите“ беа супериорни на гостувањето против Штутгарт со 20-26 .
Талески не се запиша во листата на стрелците, а најефикасни во триумфот на Рајн Некар левен беа Гудјон Валур Сигурдсон и Енди Шмит со по шест гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА