Шпанија ќе биде дополнително ослабена за Евробаскет 2017 откако Никола Миротиќ реши да не настапи за својата репрезентација на претстојниот европски шампионат. Чикаго булс минатата седмица најави дека најдобро ќе биде Миротиќ да остане во САД наместо да игра на Евробаскет, за доцна синоќа истата одлука да ја донесе и самиот кошаркар, што беше прифатено од страна на Кошаркарската Федерација на Шпанија.
„Никола Миротиќ моментно е во ситуација кога не му е разрешена иднината на клупски план, па поради тоа побара да не настапува за репрезентацијата на овој европски шампионат. Тој тоа го стори на професионален начин, не сакајќи потоа среде подготовки да се создаде некаков конфликт на интереси, па инсистираше своето место да го отстапи на друг од првиот ден на подготовките. Ние како федерација ги разбираме причините поради кои Никола ја донесе својата одлука, знаејќи дека тој претходно секогаш со максимален професионализам настапуваше за нашиот национален тим“ – се вели во соопштението на Шпанската Кошаркарска Федерација.
„Црвената фурија“ нема намера дополнително да го повика Обака, кој настапуваше како натурализиран играч пред Миротиќ, а улогата на замена на црногорскиот кошаркар со шпански пасош најверојатно ќе му припадне на центарот Пјер Ориола, кој ја освои титулата со Валенсија, па летово си осигура и трансфер во редовите на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА