Црвена Звезда сезонава веќе приреди чудо успевајќи да го осигура потписот на Факундо Кампацо, а амбициозната управа на „црвено-белите“ веќе подготвува „трансфер-бомба“ и за наредната натпреварувачка сезона. Според последните информации, Никола Миротиќ е голема желба на актуелниот АБА-шампион, кој нема да жали пари да го убеди Црногорецот со шпански пасош својата кариера да ја продолжи во Белград.
Грчкиот новинар Харис Ставру за „Спорт 24“ прв ја обелодени информацијата дека Црвена Звезда води во трката по Миротиќ, откако му понудила огромни 2,7 милиони евра годишна плата. Целта е јасна, во ситуација кога е речиси сигурно заминувањето на Вилдоза и на Кампацо, токму Миротиќ да биде главна ѕвезда на тимот за наредната сезона.
Никола Миротиќ сезонава ќе си замине од Барселона откако управата на каталонскиот гигант реши да ја раскине соработката со него поради кратење на буџетот. Тој беше поврзуван и со преселба во редовите на Милано, но понудата од Црвена Звезда би можела сериозно да ги промени плановите, па Миротиќ во новата сезона да го видиме и во АБА-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА