„Мирувањето“ заврши, како ќе продолжи ракометот во Македонија?

Минаа нешто повеќе од две недели од информацијата за масовна зараза од Covid-19 во таборот на КЛ7, што предизвика прекин на натпреварувањето во групата А од ракометната Супер-лигата. Раководството на РФМ следејќи ги здравствените протоколи го прогласи натпреварувањето во оваа група „во мирување во наредните 15 дена“, но сега тој временски период истече, а од куќата на ракометот во најскоро време ќе се изјаснат – кога и како ќе продолжи ракометот во Македонија.

За очекување е на почетокот од следната седмица да биде извршено тестирање на сите екипи кои се натпреваруваат во групата А (Пролет, Охрид, Струга, КЛ7, Јуниор Кисела Вода, Радовиш и Астраион), а доколку резултатите се негативни во најскоро време да се продолжи со натпреварување. Останува дилемата дали првенството ќе продолжи според утврдениот систем или ќе се активира планот Б – турнир во „меур“, но без оглед која опција ќе биде решена, досегашните резултати ќе останат валидни бидејќи првенството моментно е во мирување и нема причина за негово поништување и рестарт од почеток.

Една од варијантите е преостанатите пет кола од првиот круг да се доиграат во веќе утврдениот систем, за што во ритам понеделник – петок би биле потребни петнаесетина дена, а за вториот круг да биде организиран „бабл“ согласно сите здравствени протоколи. Истата одлука би се однесувала и за групата Б, која беше ставена во мирување нешто подоцна, по големиот број заразени ракометари во Работнички.

Јасно е дека поради зголемениот број на заболени на територијата на целата држава ризикот станува уште поголем, но приоритет мора да биде довршување на сезоната, бидејќи нова долга пауза (до март) би можела да биде погубна за клубовите  во потрагата по спонзори, како и за ракометарите, кои во борба за егзистенција би биле принудени предвреме да ги завршат кариерите и да се насочат кон друг професии.

Се вчитува...