Мишковиќ: Со пристап и одбрана како против Шкупи, ќе славиме и над Работнички

Пелистер го одигра еден од најдобрите мечеви оваа сезона откако на гостински терен го демолираше Шкупи со убедливи 70-103, реванширајќи му се на овој ривал за неочекуваниот пораз во првиот дел од сезоната. „Пелистерци“ одиграа фокусирано, со максимален пристап во првите три четвртини стигнувајќи и до предност од 40 поени, што беше минимално намалена во последниот период во кој тренерот Трајковиќ им даде шанса на дел од помладите кошаркари.

Сменетиот пристап е нешто што радува, особено ако се знае дека допрва ќе следи клучниот дел од сезоната, во која Пелистер поседува и квалитет и искуство, доколку игра во рамките на својот потенцијал, повторно да се бори за големиот трофеј.

Одличен на дуелот со Шкупи беше Никола Мишковиќ, српскиот кошаркар доминираше на теренот со 30 поени, 10 скокови и 7 асистенции, преземајќи ја успешно лидерската улога во тимот.

„Против Шкупи пресуди енергијата со која влеговме во натпреварот. Верувавме во себе, се боревме сите за еден и тоа донесе резултат. Клучна беше играта во одбраната, го сведовме противникот на малку поени на поени, што ни овозможи голем број на лесни поени на спротивната страна. Што се однесува до мојата улога, ништо не е драстично променето. Секој тренер има одредени специфични размислувања, мое како играч е само да се обидам да ги задоволам барањата на стручниот штаб, на секој тренинг и на секој натпревар. Среќен сум од начинот на кој одиграв и очекувам во ист стил да продолжам и на наредните натпревари“, изјави Мишковиќ.

А веќе во наредното коло Пелистер го очекува дерби дуел со Работнички што ќе се игра во Битола. Двете екипи во моментов имаат идентичен скор 11-7, па јасно е дека овој меч ќе биде многу важен за Пелистер во борбата за што подобар пласман пред плејофот.

„Работнички е тежок противник што ние секако го почитуваме, но знаеме дека можеме да го победиме ако одиграме добар меч. Клучна ќе биде енергијата, ако излеземе на терен како на дуелот со Шкупи верувам дека ќе стигнеме до резултатот што го посакуваме. Очекувам тоа да биде случај, особено ако се знае дека ќе играме пред нашите верни навивачи. Со нивна помош, убеден сум дека ќе го одиграме дербито на вистински начин и на крајот заедно ќе се радуваме“, оптимист е Никола Мишковиќ.

Се вчитува...