Еден од најдобрите вардарови фудбалери, централниот дефанзивец Ненад Мишковски денеска во градската дерби пресметка против лидерот Работнички во 11. коло од ПМФЛ по 100-ти јубилеен пат ќе го носи црвено-црниот дрес.
Како што вели Мишковски, за него е вистинска гордост што е дел од клубот, свесен дека на почетокот од сезоната не се исполнати очекувањата на навивачите, но очекува максимална поддршка денеска кога на Вардар му е најпотребна.
„Од првиот ден кога дојдов бев свесен за одговорноста и големината на дресот кој го носам. Горд сум што секогаш сум се борел чесно, давајќи го максимумот за екипата и за навивачите. Особено сум горд на заедничката борба и на тоа што и во најлошите моменти не се предадовме, и што без разлика на се успеавме во намерата“ – вели Мишковски, притоа дополнувајќи:
„Денеска по 100-ти пат ќе го облечам црвено-црниот дрес на што сум посебно горд. Ги повикувам навивачите да дојдат и да ни дадат поддршка сега кога ни е најпотребна“.
Но, и во таборот на Работнички знаат дека со нова победа веќе сериозно ќе се издвојат на врвот. Затоа, и тоа како, посакуваат три бода од градската пресметка.
„Знаеме дека нe очекува еден дерби натпревар. Вардар е квалитетен тим, имаме максимален респект кон нив, иако на многу натпревари знаеја лесно да ги загубат бодовите. Но, свесни сме дека воопшто нема да биде лесно. Работевме напорно оваа недела, се подготвувавме и се надеваме дека ќе се радуваме и на утрешниот натпревар“ – вели офанзивецот на Работнички, Јамајканецот Кристоџеј Далеј.
ПРВА ЛИГА – 11. КОЛО (13 ч.)
Скопје: ШКУПИ – ТИКВЕШ
Охрид: ВОСКА СПОРТ – ПЕЛИСТЕР
Скопје: ГОСТИВАР – АП БРЕРА
Скопје: ВАРДАР – РАБОТНИЧКИ
Кратово: СИЛЕКС – БЕСА
Тетово: ШКЕНДИЈА – СТРУГА ТЛ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА