Фудбалската репрезентација на Македонија го совлада Гибралтар со 4-0 и го освои првото место во групата 4 од Лигата Д. Со ова обезбеди пласман во плејофот за пласман на Европското првенство и полуфинален меч што ќе го игра на домашен терен, против Белорусија или против Косово. Покрај тоа, Македонија обезбеди пласман и во Лигата Ц од ова натпреварување, а најверојатно и ќе биде сместена во четвртиот барабан за претстојниот ждреб во квалификациите за ЕП.
Најдобрите македонски фудбалери ја оправдаа фаворитската улога. Иако изостана голема поддршка од трибините, сепак, избраниците на Игор Ангеловски се и премногу квалитетни за да дозволат изненадување против Гибралтар. Гостите одолеваа 27 минути, а потоа Енис Барди изведе магија по левата страна и со одличен удар погоди во спротивниот агол од голот на Гибралтар.
До крајот на првиот дел шанси имаа Несторовски, Алиоски и Тричковски, но до полувреме Македонија остана на „минималец“.
Во вториот дел, уште два гола во противничката мрежа. Илија Несторовски во 67.минута со удар со глава, по центаршутот на Алиоски, зголеми на 2-0, а истиот фудбалер постигна прекрасен погодок во 80.минута. Во самиот финиш, Александар Трајковски постигна уште еден погодок, за убедлив триумф, и залет за Европско!
Македонија оди во плејофот за пласман на Европско првенство и време е фудбалската јавност да се разбуди и да дојде на стадион. Оваа генерација предводена од капитенот Горан Пандев, кој вечерва не играше поради суспензија, тоа дефинитивно го заслужува.
ЛИГА НА НАЦИИ – 6.КОЛО
МАКЕДОНИЈА – ГИБРАЛТАР 4-0 (1-0)
Арена „Филип Втори“. Гледачи: 1.000. Судија: Данијар Саки (Казахстан). Стрелци: Барди 27’, Несторовски 67’, 80’, Трајковски 90+2’ (Македонија). Ж. Картони: Енесли (Гибралтар).
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Ристевски, Алиоски, Николов, Барди, Елмас (72’ Адеми), Трајковски, Тричковски (59’ Хасани), Несторовски (82’ К. Велкоски).
ГИБРАЛТАР: Кафер, Де Бар (81’ Пристли), Бардон, Хернандез, Вокер, Моуелји, Оливеро, Чиполина, Енесли (88’ Барнет), Серџант, Кашиаро (79’ А Кашиаро).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА