Мистерија на паднатиот авион – зошто е сменет пилотот во последен момент

Мистеријата околу околностите под кои се урнал авионот со кој леташе фудбалерот Емилијано Сала продолжува да се продлабочува. Девојката на фудбалерот во текот на вчерашниот ден јавно изрази сомнеж дека не станува збор за несреќа, туку за дело на фудбалската мафија, a денеска француските медиуми се појавија со информација дека пилотот Дејв Иботсон влетал во комбинација во последен момент.

Имено, заедно со новиот фудбалер на Кардиф пасошката контрола ја минал Дејв Хендерсон. Француската телевизија РТЛ објави дека Хендерсон требало да го вози авионот назад до Кардиф, но во последен момент се случило тој воопшто да не се качи на леталото, а на негово место внатре да влезе 60-годишниот Иботсон.

Иботсон бил најмен од страна на претставници на фудбалерот, тој важел за искусен пилот кој во последните години често пренесувал падобранци за приватни летови и скокови низ поголемиот дел од Велика Британија.

„Малку сум „зарѓал“ со слетувањето“ – напишал Иботсон на еден од своите последни фејсбук-постови пред несреќата.

Останува нејасно зошто пилотот побарал од контролата на летање да се спушти од 1524 метри на само 700 метри, без да пријави некаков проблем со авионот. Токму по тоа барање авионот исчезнал од радарот.

Во меѓувреме, потрагата по урнатиот авион продолжи и утрово, но барем засега без позначајни резултати.

Се вчитува...