Македонската ракометна репрезентација е подготвена за настап на уште едно големо натпреварување, пресметките во Хернинг со Данска, Португалија и Романија во рамките од ЕП 2026. Слично како пред две години во Германија, ждребот не ни беше наклонет, мали се шансите за пласман во следната рунда, но нашите ракометари се мотивирани да се покажат во најдобро светло и на натпреварите на кои ќе ја имаат аутсајдерската улога.
Марко Митев повторно ќе биде клучен играч во нашиот напад, откако одличниот бек целосно ги остави зад себе проблемите по тешката повреда на коленото што повеќе од половина година го одалечи од ракометните терени.
„Се чувствувам добро и во овој период сум насочен кон целосно враќање на формата. Во периодот на опоравување максимално ги следев насоките кои ми беа давани од стручните лица и можам да кажам дека повредата е минато. Физичкото враќање во форма е неопходно и многу важно затоа што за да играш ракомет треба да си максимално спремен кондициски. Ракометот е спорт кој бара и сила и брзина. За психолошкиот момент можам да кажам дека за него треба повеќе време. Тој настапува кога се враќаш во игра, но сметам дека од самиот играч зависи колку брзо ќе се надмине. Кај психолошкиот момент има улога и поддршката од соиграчите, од тимот, од блиските, но најмногу зависи лично од себе. Се трудам да го контролирам тоа колку што можам. Не велам дека е лесно, но така мора“, вели Митев во разговор за ЕКИПА.
Напредокот во неговата форма е очигледен и во текот на подготовките, кулминирајќи со беспрекорното издание на дуеллот со Швајцарија на кој токму Митев со гол во последните секунди спречи пораз на нашата национална селекција.

„Јас искрено мислам, кога велам дека ќе дадам се’ од себе. Се надевам на добри партии, затоа што знам со каква енергија влегуваме како екипа во секој натпревар. На турнирот покажавме дека знаеме и можеме да се бориме до крај и дека меѓусебната поддршка не изостанува кога е најпотребна. Покажавме единство и секој од нас допринесе на свој начин за да го завршиме турнирот во добро светло. Во ракометот секогаш постојат шанси. Посакувам да се покажеме во најдобро светло како тим, онака како што може и знае оваа Македонија. Сакам да ја израдуваме нацијата“, мотивиран е Марко Митев.
Почетокот е исклучително тежок, нашите ракометари за противник вечерва ќе го имаат дрим-тимот на Данска кој воедно е и главен фаворит за златниот медал.
„Кога е Данска во прашање, сите добро знаеме за каква селекција станува збор. Нилсен, Гидсел, Питлик се врвни имиња во ракометот. Нилсен е еден од најдобрите светски голмани, а Гидсел и Питлик се ракометари кои се предводници на својот тим. Гидсел е пример за тоа како се игра модерен ракомет и тој е еден од најдобрите светски ракометари. Предизвик е да се игра со тим каков што е селекцијата на Данска. Можеби не сме фаворити, но нема да се откажеме од тоа да покажеме борба на теренот. Сепак гордост е да се биде меѓу најдобрите, гордост е за Македонија што е на едно вакво големо и значајно првенство“, порачува Митев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

