Македонската машка ракометна репрезентација е во последната фаза од подготовките за престојното Светско првенство во кое во групната фаза „црвено-жолтите“ силите ќе си ги одмерат со Унгарија, Холандија и Гвинеја.
За медиумите говореше Марко Митев кој верува дека Македонија може да ја мине групната фаза и очекува голема поддршка на натпреварите кои ќе бидат одиграни во Вараждин.
„Веќе сме во завршна фаза од подготовките, можам да кажам дека целиот тим е спремен за предизвиците кои не очекуваат на Светското првенство. Одиме да се бориме, нашата цел е да се пласираме во главната рунда, а потоа ќе одиме чекор по чекор.
Унгарија и Холандија имаат различен стил на игра за разлика од Гвинеја. Играта на Унгарците повеќе се темели преку пивотите и со шутеви, додека Холандија на игра „еден на еден“, станува збор за побрза репрезентација. Треба да бидеме максимално сконцентрирани на двете средби, да не губиме надеж, секогаш има шанса.
Јас верувам дека можеме да пласираме во главната рунда, одиме на победа на секој натпревар, ќе оставиме срцето на терен и па што биде нека биде.
Се надевам дека во Вараждин атмосферата ќе биде како на Европското првенство во 2018 година и фановите ќе дојдат во голем број, а ние ќе се чувствуваме како да играме на домашен терен, тие се нашиот осми играч и најважна поддршка на теренот. Знаат како да не понесат на секој натпревар“, вели Митев.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА