ЕКИПА во Хрватска,
Стеван Цаневски
Македонските ракометари делуваат максимално мотивирано за предизвикот што го носи новиот светски шампионат. Победата на последното ЕП над Швајцарија само покажа дека нашата подмладена селекција може да блесне на големата сцена, а потврда за тоа се очекува на мундијалот што ќе го играме во Вараждин, Хрватска.
Марко Митев се повеќе се наметнува како еден од клучните играчи во „мозаикот“ на селекторот Кире Лазаров, а извонредниот бек ќе има важна улога и на ова големо натпреварување, почнувајќи од утрешниот меч со Унгарија.
„Со нетрпение го чекаме стартот на Светското првенство. Имавме долго време да се подготвиме и да се посветиме на анализа на првиот противник. Унгарија е фаворит во нашата група, за тоа говорат и нивните резултати од претходните големи натпреварување, ни и составот со кој ќе настапи. Иако сме аутсајдери на овој натпревар, сепак нашата цел е да се надигруваме со Унгарците и трпеливо да ја чекаме нашата шанса. Ме радува одличната атмосферата во тимот, сите се желни да го дадат максимумот. Ќе го оставиме срцето на теренот, за нас, за Македонија, за сите кои ќе не бодрат во Вараждин и оние пред ТВ-екраните. Нашата цел е да одиграме цврсто во одбраната, да создадеме што повеќе полуконтри. Мора да бидеме фокусирани сите 60 минути и секако да го испочитуваме договореното. Нашата цел е пласман во главната рунда, но нема да мислиме само на победа над Гвинеја, туку со ваков менталитет ќе влеземе во секој натпревар“, вели Митев.
Првиот натпревар на ова СП нашиот национален тим го игра утревечер против Унгарија во 20.30 часот. Во втората рунда на 17 јануари во 18 часот ќе се сретнеме со Холандија, а во третото коло, исто така со почеток во 18 часот за ривал ќе ја имаме селекцијата на Гвинеја.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА