Уште еден блесок на Марко Митев во вчерашната победа на Македонија против Катар на Светското првенство 2025, сето тоа заокружено сега и со признанието за најдобар играч на мечот, што е второ во нашиот табор по она за Филип Кузмановски.
По натпреварот, ракометарот на Алкалоид очекувано не можеше да го сокрие задоволството од новата македонска победа на Мундијалот, но не можеше да го сокрие и победничкиот менталитет кој очигледно го краси составот на Кирил Лазаров на овој шампионат.
На прашање што може да очекуваме од последниот натпревар во групата против гигантот Франција, кој може да не однесе и до евентуално четвртфиналет, Митев без размислување.
„Па, на Светското првенство сме дојдени да победуваме, а не да губиме. Да, Франција е голем фаворит, но ние ќе се обидеме да изненадиме. Зошто да не? Од сите очекувам да бидат фокусирани од почетокот до крајот, па зошто да не се обидеме да приредиме изненадување за фаворитите и за светска титула?“ – вели Митев.
Еден од најдобрите македонски ракометари не крие дека е воодушевен од поддршката која ја добиваат низ целиот турнир, како од оние кои се присутни во Вараждин, така и од цела Македонија.
„Мора да се заблагодарам за поддршката која ја добиваме цело време, и од навивачите кои не бодреа од трибините во Вараждин, но и од сите во Македонија од пред малите екрани. Навивачите се наш осми играч. Овој турнир многу значи за македонскиот ракомет и за се што не очекува во иднина“ – дополнува Митев.
Македонија и Франција во последниот натпревар од групата играат утре (25. јануари) со почеток од 20:30 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА