Македонија не успеа да освои ниту еден бод на отворањето на ЕВРО 2020, вистинска штета со оглед на фактот дека до 77. минута имавме одлични 1-1 на националната арена во Букурешт.
Долгогодишниот македонски репрезентативец, Митко Стојкоски, како гостин на програмата на МТВ изрази жалење за резултатот, а проблемот во играта го потенцираше во недоволниот пресинг во обид да се одземе топката кога таа беше во посед на Австрија.
„И пред самиот меч рековме, за нас ова е деби на едно големо натпреварување и сигурно селекторот и стручниот штаб ќе извлечат поука. Што можеме да научиме – дека на ова ниво на едно големо натпреварување мора да се биде 90 минути стопроцентно сконцентриран. Тимот мора да биде добро наместен на терен, да се биде блиску до противникот, тоа е она што ни фалеше за разлика од Австријците, кои знаеја како да не притиснат по израмнувачкиот погодок.
За разлика од нив, ние стоевме и чекавме момент за да дојдеме до брза транзиција. Имавме такви две-три ситуации, преку Николов и Алиоски, ако ги решевме подобро можеби ќе поведевме и дуелот ќе тргнеше во подобар правец. Тоа се нијансите што ги решаваат ваквите натпревари. Постојат работи што можеме да ги поправиме и да бидеме подобри на наредниот натпревар. Не мислам дека станува збор за грешка на селекторот, според мене некои фудбалери не одговорија на она што се бараше од нив, пред се во фазата на блокот при противничките акции“, истакнува долгогодишниот репрезентативец на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА