Пелистер, со првиот тренинг на стадионот ,,Петар Милошевски” ги стартуваше подготовките за враќањето во Првата македонска фудбалска лига.
Претседателот на клубот, легендата на македонскиот фудбал, Митко Стојковски во име на целото раководство им посака успех и среќа на фудбалерите, притоа искажувајќи ги и амбициите за новата сезона кон кои се стреми клубот од колективен аспект.
„Треба да се прилагодиме согласно на новиот предизвик кој е пред нас, и да го стабилизираме и адаптираме клубот според новите прволигашки услови. Oрганизациски и финансисиски да се стабилизираме и подигнеме на повисоко ниво и да се држиме и фокусираме кон зацртаните цели. Најважно од се, да бидеме приземни, иако ФК Пелистер е големо име во македонскиот фудбал, знаеме колку ни е силата, со што располагаме, колку ни се можностите и кои ни се конкурентите. Започнуваме од нула и со еден нов почеток во кој ќе имаме уште неколку нови засилувања, и почеток во кој ќе се потрудиме сите колективно да направиме добри резултати со кои клубот ќе биде на коректна и респектабилна позиција на табелата, а доколку ни се укаже прилика за поголеми амбиции секако дека тоа ќе биде искористено и реализирано“ – вели Митко Стојковски.
Шефот на стручниот штаб, Влатко Костов вели дека тимот ќе добие соодветен ростер за рамноправно натпреварување со конкурентите во Првата лига.
„Со некои од играчите не се договоривме, некои не ги прифатија условите на Пелистер, па се разделивме. На стартот на подготовките веќе имаме три нови играчи, кои се надевам дека ќе бидат надоградени со четири до пет играчи, со кои сакаме да направиме ростер рамноправно да се носи со прволигашите“.
Што се однесува до подготовките…
„Од среда ќе почнеме да работиме по двапати, а понатаму ќе следат пријателски натпревари, од 14. јули до 3. август против Новаци, Силекс, Гостивар, Воска, Работнички и Влазрими. Се надевам дека Пелистер ќе биде еден стабилен прволигаш и ако ни се даде шанса ќе бараме повеќе. Во оваа прилика би сакал да се заблагодарам до сите кои учествуваа лани до местото кое водеше во Прва лига, благодарност и до раководството за се што прави за клубот. Сите заедно се надеваме на еден респектабилен тим кои со сите ќе се носи рамноправно“ – дополнува Костов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА