Влатко Митков доби простување од националниот дрес какво што можеше само да посака. Натпреварот со Чешка беше последен во неговата долга репрезентативна кариера и заврши со голема победа на Македонија и со пласман на ЕП во Хрватска.
Секогаш тивок и исполнителен, Митков заминува во репрезентативна пензија победнички на рацете на своите соиграчи и со задоволна насмевка.
„Оваа победа е најубав подарок за мене. Имав измешани чувства, но морав да се смирам и дадов се од себе. Раул ни рече дека мора да одиграме најдобро досега затоа што Чешка има добри шутери и мора да бидеме внимателни во одбраната. Ние тоа го применивме и резултатот е оваа победа и 13 гола разлика. Горд сум што се пласиравме на Европското првенство на ваков начин им посакувам на момците да дадат максимум во Хрватска. Верувам во нив и знам дека ќе не израдуваат повторно“ – вели Влатко Митков.
Натпреварите со Чешка во последните три сезони станаа традиционални за македонските ракометари на крајот на сезоната, а последниве две години и проштални за дел од репрезентативците. Лани на мечот со Чешка од баражот за СП 2017, од националниот дрес се прости Наумче Мојсовски и Филип Миркуловски, кој по неколку месеци повторно се врати да и помогне на репрезентацијата додека може.
На вчерашниот дуел со Чешка, цревениот дрес „го врами“ Влатко Митков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА