Женската кошаркарска репрезентација на Македонија вечерва ќе и гостува на Португалија во првиот натпревар од квалификациите за Евробаскет 2025 година.
Од капитенот Анџелика Митрашиновиќ секогаш се очекува најмногу, кога е овој актуелен ростер во прашање, односно, кој селекторот Александар Ашаданов го имаше и во најголем дел од минатиот квалификациски циклус.
Нашиот репрезентативен бек очекува игри налик на оние последните, со кои успеавме да дојдеме и до победа на едно гостување.
„Очекувам да одиграме две добри средби и да го покажеме квалитетот кој го прикажавме на оној натпревар против Босна и Херцеговина на гостински терен. Тоа значи борбеност, оставање срце на терен и доста квалитетна игра. Прв ривал ни е Португалија, знаеме за каква репрезентација се работи, потоа ни следи Србија. И двете селекции играат доста агресивно. Се надевам дека ќе бидеме коректни, на двете страни од теренот и ќе забележиме позитивен резултат. „Знаеме каков квалитет имаат и Португалија и Србија, но на терен нема да излеземе со бело знаме. Се ќе биде од голема важност од тоа како ќе се поставиме во нападот, па до тоа како ќе изгледаме во одбраната. Јас верувам дека секоја од нас ќе го даде максимумот до последната секунда. Впрочем, желбата ни е секогаш да победуваме“, изјави Митрашиновиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА