Македонските ракометари продолжуваат со завршната фаза од подготовките за мундијалот во Вараждин што ќе стартува в среда. Никола Митревски бранеше фантастично во првото полувреме од контролата со Хрватска, потврдувајќи ја одличната форма во која голманот се наоѓаше и на последните натпревари на клупски план.
Искусниот чувар на мрежата верува дека македонската репрезентација е подготвена за предизвиците што претстојат, порачувајќи дека ракометарите со нетрпение го очекуваат првиот дуел со Унгарија.
„Влеговме во последната фаза од подготовките, со контролни натпревари и тренинзи со кои се завршуваат последните финеси во нашата игра. Можам да кажам дека едвај го чекаме тој прв натпревар, да излеземе на терен и да покажеме што знаеме и умееме. Секако, фокусот не ни е само на Унгарија туку и на останатите натпревари од првата фаза, со надеж дека ќе се пласираме и во следната рунда“, изјави Митревски.
За првпат во историјата Македонија патува на едно големо натпреварување без ниту еден интернационалец, ако се знае дека сите ракометари на списокот на Лазаров настапуваат во домашното првенство.
„Да, ова најверојатно е прв пат да се случува ваква работа. Она што е добро е дека играчите многу добро се познаваат едни со други, што придонесува атмосферата да биде на највисоко можно ниво. Ќе биде интересно да видиме како сето тоа ќе изгледа на теренот, но јас сум оптимист“, вели најискусниот во нашиот табор, Никола Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА