МИТРЕВСКИ ги анализира Португалците: „Играв со сите нив… Не се непобедливи, но…!“

Македонија денеска од 18 часот ја очекува клучниот натпревар против Португалија во обидот да дојде до следната фаза од Европското првенство 2026.

На задоволство на сите домашни спортски вљубеници на голот на националниот тим повторно се враќа еден од најдобрите голмани во историјата на македонскиот ракомет, Никола Митревски, кој поради мала повреда паузираше на претходниот натпревар со Данска.

Митревски во спортскиот подкаст „ПРЕСИНГ“ за ЕКИПА.МК ги анализира Португалците. Со поголемиот дел од нив и заедно настапуваше во дресот на Порто…

„Португалците вложуваат многу во ракометот долги години наназад. Во последните седум-осум години во тие кадетски, младински категории се секогаш во врвот на Европа. Браќата Коста, првата сезона моја во Порто, заедно беа со мене. После тоа заминаа во Спортинг. Се работи малку поразлично отколку тука кај нас, и им се дава повеќе шанси на тие млади играчи. Ако некој има потенцијал се турка, се носи напред, па и на штета на резултат или на некоја европска победа. Но, секогаш им се дава шанса на младите играчи. Си ги ценат своите. Имаат феноменални услови за работа, особено тие три-четири најаки клубови добри тренери и секогаш се стремат на највисок, најголем резултат“ – вели Митревски.

Митревски истакнува дека очекувањата на Португалците секогаш се повисоки од реалната слика, нешто слично и кај нас…

„Доста често исто како кај нас имаат нереални очекувања, но тоа е она што ги турка напред. Таа генерација на Порто, кога бев јас, наликуваше на Металург со дванаесет репрезентативци, три-четири странци, каде што сите растат, сите добиваат на искуство. Сега презема се Спортинг Лисабон, поголемиот дел на репрезентативците или носителите се од Спортинг, браќата Коста, Салвадор…“

А, за денешниот меѓусебен дуел во Хернинг…

„Не дека не се непобедливи, далеку од тоа. Мислам дека има шанса да се носиме со нив. Мали детали да одлучат на наша страна. Добар ден наш, добар ден на голманите, добра реализација…. Не треба многу, особено сега во спортот. Иако можеби во акометот кога има голема разлика во квалитет најчесто победува оној поквалитетниот. Некако во фудбалот ќе се повлечат сите и на игра на нула-нула, контра ќе чекаме… Тука не е така. Ракометот е подинамична, многу подинамична игра… Но, мислам дека може да играме со Португалците и може да се победи!“ – истакнува македонскиот голман.

ЦЕЛИОТ ПОДКАСТ „ПРЕСИНГ“ СО НИКОЛА МИТРЕВСКИ И ФИЛИП КУЗМАНОВСКИ ГЛЕДАЈТЕ ГО ТУКА…

Се вчитува...