Македонскиот шампион Е. Пелистер не успеа да дојде до сензација на гостувањето против ПСЖ, доживувајќи пораз од 33-27 во синоќешниот натпревар само поради последните пет лоши минути кои, објективно, минаа и со чудно делење на правдата кое им помогна на Французите да дојдат до победата иако на седум минути пред крајот резултатот беше 27-27.
Одличен на голот на „пелистерци“ беше репрезентативниот голман Никола Митревски кој запиша десет одбрани, и тоа во моментите кога силно помогна битолчани да останат во игра на мечот.
„Задоволни сме што покажавме дека имаме квалитет за рамноправно надигрување со големите екипи. Влеговме во неизвесна завршница а ПСЖ мечот го реши во последните три минути. Но, продолжуваме понатму, треба да анализираме каде згрешивме, да извлечеме поуки од сето ова и уште помотивирано да продолжиме понатака во Лигата на шампионите. Среќни сме што потврдивме дека нашата цел е да победуваме на секој меч. Одиме од натпревар во натпревар…“ – истакна Митревски по синоќешниот натпревар.
Сега Е. Пелистер се враќа на обврските во домашната Суперлига со неделното дерби со Алкалоид во Автокоманда, а следниот меч во ЛШ е на домашен терен на 24 септември против дански ГОГ Гудме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

