Митревски: Имаме добар напад, но и одбраната треба да биде на ниво со Тиквеш

Тиквеш е следниот противник на екипата на Пелистер (недела, 18.30 часот), во последниот домашен меч што битолскиот клуб ќе го игра во рамките на Супер-лигата, во пресрет на разигрувањето во плејофот.

„Зелено-белите“ го кренаа нивото на игра од почетокот на 2026 година, имаат само два пораза (на гостувањата со МЗТ Скопје и ТФТ), додека на домашен терен делуваат и повеќе од импресивно.

Желба е серијата  добри игри и убедливи победи да се продолжи и против Тиквеш, но на „пелистерци“ им е јасно дека кавадарчани можат да бидат незгоден ривал.

„Тиквеш е квалитетен противник кој игра во особено добра форма на последните натпревари. Она што треба да сториме е да одиграме агресивна одбрана и да го контролираме дефанзивниот скок. Верувам дека во нападот поседуваме квалитет за да ја завршиме работата, но важно ќе биде да бидеме на висина на задачата и во одбраната“, вели Андреј Митревски, македонскиот репрезентативец во редовите на Пелистер.

Се вчитува...