Митревски: Не сме фаворити, но ќе дадеме се од себе за Македонија

Македонската кошаркарска репрезентација во месец август ќе настапи на нови претквалификации за едно големо првенство, овој пат за Светското кое ќе се одржи во 2027 година.

Овие квалификации ќе означат и нов почеток за кошаркарската репрезентација на Македонија со оглед на потполно променетиот стручен штаб и подмладувањето во играчкиот кадар.

„Повикани се неколку млади играчи. Имаме доста млади играчи во овој состав, и затоа треба да се подготвиме што е можно најдобро. Имаме некои петнаесетина дена, можеби и нешто повеќе, до натпреварите од претквалификацискиот циклус. Оттука најдобро е да се подготвиме што е можно подобро за тие натпревари. Исто така, да се спремиме добро и да ги одиграме и оние подготвителни натпревари, против репрезентацијата на Швајцарија. Да дадеме наш максимум, и да избориме најдобар можен резултат. И да се квалификуваме за оние наредни квалификации“, вели повратникот во репрезентацијата Андреј Митревски.

Ривали на Македонија во овој претквалификациски циклус се Романија и Унгарија, репрезентации кои ја имаат улогата на фаворит со оглед на кадарот кој ќе настапи во „црвено-жолтиот“ дрес, но како што вели Митревски фаворитската улога треба да се потврди на терен.

„Знаеме дека Романија и Унгарија се добри противници, но тоа не значи ништо за нас. Нормално е дека имаме шанси. Секако дека ќе се бориме, дека ќе одиме на победа. Можеби на ‘хартија’, тие би биле фаворити. Но секако, тоа не значи ништо, и нормално, ќе одиме на победа и на двата натпревари, и да се квалификуваме за понатамошната фаза од натпреварувањето“, додава бекот.

Се вчитува...