Машката ракометна репрезентација на Македонија ги одработува завршните подготовки пред настапот на ЕП во Хрватска. За „црвено-жолтите“ ова ќе биде петто по ред од вкупните шест настапи на континенталните шампионати, прво под водство на селекторот Раул Гонзалес.
„Добро е тоа што го продолжуваме континуитетот на големите натпреварувања. Претходниот собир го искористивме за да се доусовршиме на тактички план. Сега овие денови, ќе ги пополниме тие празнини што селекторот смета дека недостасуваат и мислам дека добро подготвени ќе стартуваме на ЕП во Хрватска. Играчите се добро фичики и психички подготвени за предизвикот што е пред нас и сите со нетрпение го очекуваме почетокот на првенството. Мислам дека имаме доволно време да го истренираме тоа што треба. Имавме добри подготовки и на октомврискиот собир во неделата на ЕХФ. Навикнати сме на тие „сецкања“ поради празниците во овој завршен дел од подготовките пред ЕП бидејќи долго време, веќе 8-9 години по ред, играме на европските и на светските првенства и сето тоа за нас стана нормала работа“ – истакнува голманот на македонската репрезентација, Никола Митревски.
Македонскиот репрезентативец имаше успешна полусезона на голот на романска Констанца и заедно со првиот голман во репрезентативниот состав, Борко Ристовски, со Златко Даскаловски и со младиот Мартин Томовски го сочинуваат голманскиот квартет од кој Раул Гонзалес ќе ги избере патниците за Хрватска. А, токму од формата на голманите во голем дел ќе зависат и резултатите на шампионатот на кој Македонија е во група со Словенија, Црна Гора и со европскиот шампион, Германија.
„Мислам дека на секој натпревар шаннсте ни се 50-50. Не размислувам дека Црна Гора ни е шанса за пласман во следната фаза, туку дека ќе мора да одиграме максимално и да се обидеме да го добиеме и дуелот со Словенија на стартот, а со иста цел да го одиграме и последниот меч во групата против Германија. Не сме инфериорни против никого. Ќе одиме натпревар по натпревар. Мислам дека имаме доволно капацитет, квалитет и искуство да добиеме било која репрезентација од овие три противници во групата. Се е отворено“ – вели Митревски.
Македонската репрезентација до сабота ќе тренира во СЦ „Борис Трајковски“, во недела и во понеделник следува одмор, а од вторник продолжуваат со тренинзи. Пред настапот на ЕП во Хрватска, ракометарите ќе одигра два контролни натпревари во Блеград. На 4 јануари е дуелот со Саудиска Арабија, а на 5 јануари со селекцијата на Србија по кои ќе биде направена последната селекција и селекторот ќе го одреди составот што ќе паува во Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА