ЕКИПА во Берлин,
Стеван Цаневски
Македонските репрезентативци максимално ангажирано и фокусирано ќе влезат во натпреварот против Швајцарија (18 часот, „Мерцедес Бенц Арена“).
Македонија е без шанси за пласман во следната рунда, Швајцарија има само теоретска шанса поради убедливиот пораз од Франција во првото коло, но мечот е важен бидејќи третото место во групата речиси сигурно ќе значи и носителска улога во ждрепката за баражот за СП 2024.
„Мечот има резултатско значење со оглед на баражот за Светско првенство. Сакаме да победиме. Во првите две кола квалитетот беше на страна на ривалите, не можевме да изненадиме. Сега ќе излеземе на терен со намера да победиме. Ќе играме, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. Физички не сме толку уморни, порано повеќе сме се трошеле, сега после првиот меч имавме подолга пауза, физички ќе бидеме спремни, заморот нема да биде фактор“, вели Никола Митревски, капитенот на нашиот национален состав.
Тој сепак потенцира дека противникот е исклучително квалитетен, со ракометари кои настапуваат во елитната германска Бундес-лига.
„Поголем дел од Швајцарците играат во Бундеслигата, тоа е најквалитетната лига во светот, знаеме дека нема да биде лесно. Имавме еден ден да се спремиме, да промениме нешто, па ќе видиме како ќе биде. Средбата почнува од 0-0, веруваме во себе, имаме квалитет, можеме да се носиме со нив повеќе отколку со првите два противници. За нас голманите потешко е да браниме контри или полуконтри отколку поставени напади. Затоа, ако нападот не функционира, ако ривалот трча контри и полуконтри и нас ни е потешко. Мислам дека не беше толку лошо кога игравме 6 на 6, колку што лошо беше враќањето назад и неспречување на контри и полуконтри“, истакнува Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА