Митревски: Работиме на деталите, да бидеме максимално подготвени за ЕП

Никола Митревски ќе ја има улогата на најискусен ракометар во нашиот национален тим на претстојниот европски шампионат, a одличниот голман е задоволен од текот на подготовките.

Македонската експедиција утре ќе отпатува на турнир во Швајцарија, по што директно од таму ќе „лета“ за Данска и од 16 јануари ќе го стартува настапот на европскиот шампионат.

„Завршивме со таа прва фаза од подготовките, мислам дека добро се работеше и се тренираше во вистински интензитет. Во Скопје продолживме онаму каде што застанавме во Пореч, имаме уште неколку дена до следниот турнир во Швајцарија, сега работиме повеќе на деталите и да бидеме многу поподготвени за средбите што се пред нас, како финални подготовки за ЕП“, вели Митревски.

Според популарниот Никуч, Данска е главен фаворит за златото на овој шампионат, но затоа Македонија ќе стори се за да стигне до позитивни резултати против Португалија и Романија.

„Данска е број 1 фаворит на ова ЕП, иако ние ја победивме пред неколку години додека беше актуелен светски првак, сепак мислам дека се надмоќни во однос на сите други селекции. Португалија е исто така репрезентација што играше полуфинале на последното СП, има многу квалитетни играчи кои напредуваат од година во година, но Португалците даваат можност да се надигруваш со нив и да се надеваш на позитивен резултат. Со Романија имавме неколку натпревари во последните години, секако ги почитуваме, така што ќе оставиме времето да покаже како ќе заврши тоа натпреварување. Наше е да се подготвиме најдобро што можеме, да го исполниме она што ќе го побара стручниот штаб и да го дадеме максимумот на натпреварите“, истакнува Никола Митревски.

Се вчитува...