Македонија ќе игра против Романија во јунскиот бараж за пласман на СП 2019 во Германија и Данска. Романскиот ракомет и романските репрезентативци не се непознаница за Македонија со оглед на тоа дека веќе со години наназад имаме македонска ракометна колононија во романскиот шампионат. Од актуелните репрезентативен состав, дури четворица македонски репрезентативци настапуваат во Романија – Никола Митревски и Велко Марковски се во Констанца, Гоце Георгиевски во ЧСМ Букурешт, а Златко Даскаловски во Темишвар. Романско искуство во клупските кариери имаат и Гоце Ојлески, Филип Лазаров и Стојанче Стоилов.
Оценката на голманот Никола Митревски е дека Македонија има реални шанси да го мине баражот за СП 2019, но и дека репрезентацијата на Романија која од клупата ја предводи тренерот на Барселона, Чави Пасквал, не смее да се потцени.
„Со оглед на тоа дека можевме да ги добиеме Исланд, Унгарија или Русија, на ждрепката и не поминавме така лошо. Романија има солидна репрезентација, но не е од рангот на овие три. Не е репрезентација од која што треба да стравуваме, но не може ни да се потцени. Имаат добри ракометари што играат во клубови во Германија, во Франција, и квалитетни млади играчи што настапуваат во романските клубови. Имаат и одличен селектор во Чави Пасквал“ – истакнува Митревски.
За македонскиот репрезентативец на голот на Констанца, сепак, најважна ќе биде како ќе одигра Македонија на овие два натпревари. Искуството и квалитетот се на наша страна, но тоа сепак, ќе мора да се докаже и на терен.
„Ако настапиме како што знаеме, тогаш мислам дека треба да бидеме поуспешни во овој бараж-двомеч. Во однос на Романија имаме поголемо искуство и континуитет во настапите на големите натпреварувања последниве години, а мислам дека имаме и позитивен скор во меѓусебните дуели. Но, во никој случај не смееме да се залажуваме дека сме некои големи фаворити без да дадеме максимум во двата бараж натпревари. Мора да одиграме на највисоко ниво во овие два натпревари со максимална концентрација и залагање. Се надевам дека по вториот меч во јуни ќе славиме сите ние во Романија“ – вели Никола Митревски.
Македонија ќе биде домаќин на првиот натпревар од баражот за СП 2019, на 8 јуни, а ќе гостува во Романија во равншот на 14 јуни.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА