Македонската ракометна репрезентација го претрпе и вториот пораз на Европското првенство. Овој пат од „црвено-жолтите“ посилна беше репрезентацијата на Црна Гора која добро го започна натпреварот и одолеа на налетот на нашите ракометари, кои и самите не можеа да се пофалат со добра игра.
Токму за тоа говореше и голманот Никола Митревски кој вчеравечер се приклучи на репрезентацијата по негативниот тест за Ковид-19.
„Одигравме далеку од тоа што го подготвувавме за Црна Гора. Мислам дека ова е натпревар под нашите можности, но од секој натпревар треба да се учи. Поголемиот дел од играчите веќе имаат добро искуство и ако не делуваме како целина, туку како индивидуи не можеме да направиме ништо. Верувам во стручниот штаб и мислам дека се што прават е добро и има зошто го направиле тоа. Денеска сите грешевме. Не го изгуби натпреварот некој поединец, така да поразот е на цела екипа“, вели гоманот на нашата репрезентација.
И покрај тоа што Митревски се врати на овој меч, Македонија повторно не беше комплетна бидејќи позитивен тест доби пикерот Стојанче Стоилов па настапивме без ракометарот со најмногу настапи за националниот тим.
„Секое отсуство ремети без разлика за кој станува збор, а особено доколку ви дали Стоилов кој за нас е многу битен во играта, но општо и во соблекувалната и на клупата. Добивме поддршка од него, како што доликува, но ни претстави проблем кога дознавме денеска дека е позитивен и се надевам дека ќе се врати брзо“, додава Митревски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА