Митревски: Со максимална концентрација и ангажман, до билет за СП

Голманот Никола Митревски како најискусен во нашиот табор е задоволен од денешната ждрепка, но исто така и свесен дека никако не смееме да си дозволиме опуштање во мајскиот бараж, без разлика дали за ривал ќе ја имаме Украина или пак Словачка.

Првиот голман во нашиот национален тим потенцира дека клучно ќе биде изданието на Македонија, бидејќи ако одиграме онака како што знаеме успехот нема да изостане.

„Мислам дека добивме противник по мерка, ќе видиме како ќе заврши нивниот дуел, по што ќе знаеме со кого ќе се сретнеме во тој бараж. Немам свој фаворит или очекувања во нивните пресметки, сметам дека треба да се фокусираме на нас самите, на она што ние треба да го играме. Против Украина игравме пред неколку седмици на турнирот во Швајцарија, успеавме да победиме, но тие исто така покажаа дека можат да бидат незгоден противник. Треба да бидеме внимателни и претпазливи, но сепак верувам дека со максимална концентрација и ангажираност ќе стигнеме до победа и пласман на СП 2027, без разлика со кој од овие два ривали ќе се сретнеме“, истакна Никола Митревски.

Се вчитува...