Митревски: Триумфот над Вардар е голем, но нема да значи ништо ако загубиме во Охрид

Ракометарите на Пелистер се вратија во трката за титулата во ракометната Супер-лига откако го надиграа Вардар во вечното дерби, што воедно беше и прв пораз на „црвено-црните“ сезонава.

„Пелистерци“ се наоѓаа во променлива форма во пресрет на ова дерби, дојде и до тренерска смена што очигледно вроди со плод, па битолчани го зедоа скалпот на лутиот ривал.

„Секако дека сме презадоволни од големата победа над Вардар. Ова е големо ривалство, во последните години игравме бројни одлични мечеви во кои двата тима покажаа дека знаат да победуваат и на гостински терен. Ние не дозволивме такво нешто, одигравме одличен натпревар и заслужено славевме. Мислам дека за нијанса и повеќе ја посакувавме победата од противникот бидејќи бевме без право на грешка, пораз ќе значеше и големо приближување на Вардар до титулата, а ние сторивме се за да не дозволиме такво нешто. Победата е многу значајна и ја крева атмосферата во тимот во пресрет на новите предизвици“, вели Никола Митревски, одличниот голман на Е. Пелистер.

А битолчани веќе викендов ги очекува тежок дерби дуел на гостински терен против Охрид…

„Првенството никогаш не било вака израмнето, со четири екипи од исклучителен квалитет чии дуели редовно ги решаваат само одредени детали. Охрид се развива од година во година, сезонава има уште поквалитетен тим подготвен да се надигрува со сите останати ривали од самиот врв. Знаеме дека ќе биде тешко, дека домаќините ќе имаат и поддршка од навивачите кои создаваат одлична атмосфера, но подотвени сме за предизвикот. Свесни сме дека победата над Вардар нема да ни значи речиси ништо ако не славиме и во Охрид, тоа ќе ни биде мотив плус за ново добро издание и позитивен резултат во еден дерби дуел“, истакнува Митревски за ЕКИПА.

Се вчитува...