ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Како што стои смирено на голот, Никола Митревски исто така смирено ги сумира и впечатоците по првите два натпревари на македонската репрезентација на ЕП во Хрватска. Двете стартни победи, остават простор мирно и со самодоверба да се одигра следниот дуел со Германија, а потоа да се мисли на противниците што ја чекаат Македонија во вториот круг во Вараждин.
„За она што се подготвувавме пред почетокот на ЕП за овие два натпревари го исполнивме. И на двата меча беше неизвено до крај, но кога ќе се добијат два натпревари, расте нивото на самодоверба што е многу значајно за понатамошниот тек на првенството“ – вели голманот на македонската репрезентација.
Искуството во составот и сигурната рака на Раул Гонзалес од клупата си го прават своето. Задоволството од победите е големо, но ракометарите остануваат со ладни глави.
„Сите сме уште цврсто на земја, задоволни сме, но не „летнавме“ по овие две победи. Знаеме што ни претстои сега. Прво Германија, и потоа уште три исто така исклучително тешки дуели во втората фаза во Вараждин. Се надевам дека успешно ќе одговориме на тоа што не очекува“ – истакнува Никола Митревски.
Македонија и Германија се сигурни патници во втората фаза на ЕП од нашата група Ц, третиот ќе биде решен во директниот дуел меѓу Словенија и Црна Гора. Во втората фаза продолжуваме во Вараждин и вкрстуваме со првите три селекции од Групата Д. Таму сигурен пласман во вториот круг имаат Шпанија и Данска, а за последното место се борат Чешка и Унгарија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА