Александар Митровиќ е решен да си замине од Фулам по секоја цена и да го комплетира трансферот во Ал Хилал, поради што српскиот голгетер влегол во отворена војна со лондонскиот клуб за да издејствува заминување од „Крејвен котиџ“.
Србинот неколку години наназад е најдобар фудбалер на Фулам, остана во тимот и кога испадна од Премиер-лигата и помогна експресно да се врати во елитното друштво, поради што не крие дека очекува клубот да му излезе во пресрет при барањето за трансфер. Тој бил особено исфрустриран откако Фулам ја одби понудата од 55 милиони евра од Ал Хилал, сметајќи дека е нереално да се очекуваат повеќе пари за отштета за неговиот трансфер.
Тренерот на Фулам, Марко Силва, кој и самиот е желба на клубови од Саудиска Арабија, обелодени дека Митровиќ воопшто не тренира со остатокот од екипата.
„Ситуацијата не е како што треба. Тој нема да игра на следниот натпревар, воопшто и не тренира со остатокот од тимот. Некогаш фудбалерите мораат да донесат такви индивидуални одлуки кои потоа имаат сериозни последици. Јас разговарав со Митровиќ, тој го знае моето мислење. Овде сум да ги заштитам своите фудбалери во се што можам, но ова не е една од тие ситуации“, изјави Силва.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

