Александар Митровиќ си создаде многу непријатели во Фулам откако влезе во конфликт со управата во обид да издејствува трансфер во Саудиска Арабија. Тренерот Марко Силва го отстрани Митровиќ да не тренира со првиот тим откако Србинот отворено се закани дека никогаш повеќе нема намера да го облече дресот на Фулам, но ситуацијата во меѓувреме се искомпликува.
Имено, Митровиќ беше пред потпис со Ал Хилал откако Фулам изрази подготвеност да даде зелено светло за трансфер, но во меѓувреме клубот од Саудиска Арабија се премисли и почна да размислува за поинакви опции на пазарот. Конкретно, Ал Хилал почна преговори со Севилја за мароканскиот репрезентативец Јусен ен Несири. Севилја е подготвена да ја прифати понудата од 45 милиони евра за својот напаѓач, што е за десет милиони евра пониска сума од она што Ал Хилал сакаше да го плати за Митровиќ.
Згора на тоа, Ен Несири би потпишал тригодишен договор за загарантирана плата од 10 милиони евра годишно, што е пониско од она што му беше понудено на Митровиќ.
Ако овој трансфер се реализира, јасно е дека српскиот голгетер ќе мора да го „сврти опашот“, да се извини и да остане во Фулам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

