Македонската Кошаркарска Федерација предводена од претседателот Петар Наумоски и спортскиот директор Владимир Темелковски денеска одржа работен состанок на кој присуствуваа и претседателот на судиската комисија Димитар Терзовски, ФИБА инструкторот Ѓорѓи Пиперков, Комесарот за натпреварување Владо Цветковски, претставници на клубовите кои се натпреваруваат во Првата лига (мажи) (тренер на Шкупи, Гостивар, Кожув, МЗТ Скопје Аеродром како и службен претставник на Куманово, останатите отсутни) како и судии со плава лиценца и делегати со плава лиценца.
На состанокот, ФИБА Инструкторот Ѓорѓи Пиперков имаше видео излагање чија цел беше презентирање на новите критериуми и насоки од ФИБА, нивната примена и имплементација како и критериум за судење.
На истиот состанок од страна на Темелковски беше побарано одговорност од делегатите за проверка на салата во која се одигрува натпреварот како и условите за игра во истата; од тренерите да се придружуваат кон ингеренциите кои ги имаат и да покажат респект кон останатите актери во кошаркарската игра; и од судиите, да ги применуваат условите за игра, да покажат респект кон тренерите и кон играчите, но и да имаат нула толеранција за какви било навреди кон нив без разлика дали се упатени од страна на играч или од тренер. Исто така, судиите со најстрог критериум да ги санкционирааат со техничка или со исклучувачка грешка тренерите или играчите кои после опомена за гестикулација, навреда, флопинг и друго повторно ќе го прекршат правилото и ќе го попречуваат нормалниот тек на натпреварот.
Финален заклучок од состанокот беше дека вакви средби треба да се прават многу почесто за да се подобри релацијата помеѓу сите актери на кошаркарската игра, но и дека треба да се подигне нивото на одговорност од сите инволвирани субјекти и истите со респект да ја сносат одговорноста со цел да се подобри ситуацијата во спортските сали, но и имиџот на кошаркарскиот спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА