Кошаркарската „кујна“ во Македонија секој ден изненадува се повеќе и повеќе, вчера беше најавено одлагање на вториот дел од сезоната поради ладните сали, а денеска сапуницата има нова епизода – затворање на салата СРЦ „Кале“.
Имено, раководството на федерацијата веќе ги контактирало клубовите кои играат како домаќини во оваа сала (со која стопанисува самата федерација), дека објектот е со серија недостатоци, како со кровната конструкција, така и со електрична изолација, не функционален систем за греење и ладење…. Притоа, во пораката е наведено дека СРЦ Кале се затвора на неодредено време, при што или истата ќе треба сериозно да се реновира или (што е многу поверојатно) да се урне и на нејзино место да биде изграден модерен објект според високи спортски стандарди.


Ако салата навистина има вакви пропусти, затворањето е единствен нормален чекор, но човек не може, а да не се запраша… дали СРЦ Кале е во ваква состојба од пред ден, два… И доколку не е (а знаеме дека не е), кој при здрав разум донесе одлука токму во оваа небезбедна (според самиот опис на луѓето кои раководат со неа) арена да биде одржуван олстар што траеше осум часа.
Или неколку дена претходно во неа да се игра вечното дерби Работнички – МЗТ пред речиси полни трибини, во присуство на две навивачки групи.
Она што шокира уште повеќе… во салата што не ги исполнува минималните услови за безбедно користење (како што е наведено во писмото до клубовите) – ќе се игра кошарка викендов. Утре во рамките од Купот на Македонија треба да играат Работнички и Тиквеш, за сабота е закажан мечот Маџари – Гостивар, и тоа токму во небезбедната арена, денови пред да и биде ставен катанец и да замине во историја.
Во година кога во Кочани бевме сведоци на најголемата трагедија по осамостојувањето, неверојатно е што повторно на ваков начин да се ризикува со човечки животи на јавни настани.
СОСТАНОК ВО ФИБА
Во меѓувреме, дел од раководството на федерацијата (идеологот на најдолгиот олстар во историјата и неговиот пријател) беа гости на ФИБА Европа.
„Посебен акцент беше ставен на потребата од понатамошно унапредување на односите и вложување заеднички напори за усогласување на актите и регулативите на ФИБА со актите и внатрешните прописи на Македонската кошаркарска федерација, со цел подобрување на функционалноста, транспарентноста и усогласеноста во работењето“, се вели во дел од информацијата пренесена на официјалната веб-страница на федерацијата.
ЕКИПА јавно прашува – дали имаа доблест и го спомнаа ризикувањето со човечки животи во салата со која стопанисуваат (или не дај Боже и се фалеле со тој настан), дали во усогласувањето на актите конечно ќе се усогласат минималната температура во салите што е најниска во Европа (а и таа не можат да ја испочитуваат, па го одложија продолжението на сезонатА).
И дали имаа барем грам храброст да признаат дека во истата оваа сала во последните месеци откако тие се дел од федерацијата играа квалификациски натпревари под капата на ФИБА Европа, свесни за пропустите и ризикот.
Или (што е многу поверојатно), отидоа на сликање, да се пофалат…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

