МКФ на годишното собрание ги укина строгите критериуми за странски тренери

Кошаркарската федерација на Македонија денеска, во Скопје, го одржа редовното годишно Собрание.

Верификациската комисија утврди дека на седницата на Собранието беа присутни 39. од 45. делегати, претставници од клубови и здруженија и асоцијации со право на глас.

Дел од клубовите под точката разно побараа промена на критериумите за работа на стратези од странство, челниците на МКФ денеска потенцираа дека во иднина лиценците за тренерите наместо Здружението на кошаркарски тренери во иднина ќе ги издава Комисијата на тренери која нема да биде посебно тело туку ќе работи во склоп на Куќата на кошарката.

Ова би значело дека во иднина, можеби уште во текот на оваа сезона, клубовите би можеле без никакви проблеми да ангажираат странски тренери, ако би процениле дека е тоа подобро за остварување на целите, без да бидат ограничени да бараат имиња кои воделе екипи во Евролигата или имаат медали од Олимписките игри и Светските и европски првенства. Дополнително, се планира да се дозволи и ангажирање стратези од странство и во младинската конкуренција.

На седницата беа донесени одлуки за услогласување на регулативите и нормативите со ФИБА стандардите, како и регулација на актите на Олимпискиот комитет и правните норми на Кошаркарската федерација на Македонија.

На собирот на највисокото тело на федерацијата се дискутираше и за некои укажувања од страна на претставници на Здружението на младински лиги и тренерската организација.

„Кошаркарската федерација на Македонија апсолутно ги поддржа нивните размислувања и идеи, и изрази максимална подготвеност за имплементирање во кошаркарските регулативи во наредниот период. Во оваа прилика, раководството на Кошаркарската федерација на Македонија и вработените, ви ги честитаат новогодишните празници, со желби за уште поголеми успеси на спортски план“, стои во соопштението на МКФ. 

Се вчитува...