Македонската Кошаркарска Федерација на Македонија донесе изненадувачка одлука воопшто да не ги пушти во продажба билетите за претстојниот претквалифиакциски меч против селекцијата на Косово. Причината е јасна – стравот дека гостите ќе имаат далеку поголема поддршка од македонските кошаркари, но нејасно е зошто Петар Наумоски и неговите соработници не го зедоа тоа во предвид по претходните коментари на јавноста и медиумите, бидејќи не станува збор за нова состојба, туку за нешто што се знаеше уште од самиот избор на „Борис Трајковски“ за домаќин на оваа средба.
Сепак, МКФ цврсто стоеше на ставот дека Македонија своите домашни средби ќе ги игра во оваа сала, за денеска со соопштение до јавноста да извести дека билети за претстојниот меч нема да има во слободна продажба.
„Македонската кошаркарска федерација сака да ја извести македонската спортска јавност дека по одржаните состаноци и консултации со надлежните органи денес беше донесена одлука, од безбедносни причини, билетите за натпреварот помеѓу Македонија и Косово да не бидат пуштени во продажба.
Македонската кошаркарска федерација сака да и се извини на сета спортска јавност поради ваквиот развој на настаните со кој им се ускратува можноста на оние кои сакаа да го проследат овој натпревар од трибините во VIP арената при спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Сите оние кои поседуваат блок-билети можат со истите да присуствуваат на натпреварот, но ќе бидат прераспределени во блок М15. Натпреварот ќе може да се проследи на првиот програмски сервис на националната телевизија (МРТ)“ – се вели во соопштението на МКФ.
Само за потсетување, нашите кошаркари средбите од ланските квалификации за Евробаскет 2017 ги играа во Кавадарци, па јасно е дека ова лесно можеше да се избегне со менување на градот-домаќин, потег за кој Наумоски сепак не се реши, па сега во „пет до дванаесет“ влече „соломонско решение“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА