На клубовите од елитното кошаркарско друштво повторно им се заканува суспензија, доколку не бидат исплатени сите долгови кон федерацијата по основа на котизација, казни и регистрација на странски кошаркари. Оваа тема се покажа проблематична пред околу два месеци, тогаш МКФ попушти и го продолжи рокот за исплата, но од македонската куќа на кошарката потсетуваат дека новиот рок истекува за само неколку дена, посочувајќи дека негово непочитување ќе повлече и автоматска суспензија.
Неофицијално, до денеска целосна уплата извршиле шест клуба, додека од останатите шест се очекува истото да го сторат до утрешниот ден. Соопштението на МКФ го пренесуваме во целост:
Претставниците на Прволигашите доставија барање до Македонската кошаркарска федерација за пролонгирање на рокот за подмирување на финансиските обврски по основ котизации, казни и лиценци за странски играчи. По нивното барање, Македонската кошаркарска федерација излезе во пресрет и донесе одлука да се пролонгира рокот за исплата.
Сакаме да апелираме до клубовите и да ги потсетиме дека крајниот рок за исплата е 19. април, 2018 година. Во спротивно ќе се постапи по член 51.6 од Пропозициите за натпреварување во сениорски лиги.
51.6 Доколку финансиското долгување по било која основа не се подмири во пропишаниот рок , Комесарот за натпреварување ќе изрече суспензија. За време на суспензијата, играчот, односно клубот нема право на настап. Клубот ги губи натпреварите со службен резултат 20:0 во корист на противникот и не добива бод за тој натпревар. Суспензијата важи до подмирување на финансиската обврска на играчот или клубот. Со подмирување на финансиската обврска, суспензијата автоматски престанува да важи.
Делегирањето за следното шесто коло од Супер и од Плејаут лигата, предвидено да се одигра претстојниот викенд, ќе биде направено в петок. Клубовите кои ги немаат подмирено обврските нема да бидат делегирани.
Се надеваме, во интерес на кошарката и на прекрасното првенство кое го имаме, дека клубовите ќе си ги подмират финансиските обврски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА