Она што ЕКИПА го најави веднаш по именувањето на Јорданчо Давитков за нов селектор, околу стручниот штаб во националниот тим, денеска беше потврдено и од страна на Македонската Кошаркарска Федерација. Имено, Љупчо Малинков и Александар Јончевски се стручњаците кои ќе му бидат помошници на Давитков во обид да се мине првиот предизвик и да се обезбеди пласман во главните квалификации за СП 2019 во Кина.
Александар Јончевски беше дел од стручниот штаб на Марјан Лазовски во 2012 година, потоа остана и покрај селекторот Алеш Пипан (2013 година), а последен пат како дел од сениорската репрезентација беше во 2015 година покрај селекторот Марјан Србиновски.
„Очекувам одлично да соработуваме како тренерско трио и се надевам дека ќе имаме успешни претквалификации за Светското првенство, па здравје да размислуваме и за уште еден пласман на Европското првенство односно повторно да се вратиме на големите натпреварувања, но за тоа има време. Со моето досегашно искуство како член во стручниот штаб на „А“ репрезентацијата ќе дадам максимум од себе и се надевам дека ќе придонесам доволно за успех на претстојните претквалификации“ – истакна Јончевски.
За Љупчо Малинков ова ќе биде прво искуство како дел од стручниот штаб на сениорската репрезентацијa, откако претходно се наоѓаше на чело на националната селекција до 20 години.
„Огромно задоволство ми е што конечно добив шанса за да бидам дел од стручниот штаб на најдобрата селекција особено како дел од ова тренерско трио. Давитков е еден од подобрите тренери во Македонија и ќе ми биде чест да работам покрај него. Мислам дека сите имаме исти очекувања и желби – успешни претквалификации, па понатаму да мислиме и на повисоките квалификациски скалила“ – истакна Малинков.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА