МКФ денеска ги промовираше активностите во пресрет на наредната сезона, од куќата на кошарката објавија дека датумот за одигрување на супер-купот на Македонија е 28 септември, кога во СРЦ „Кале“ ќе се сретнат шампионот МЗТ Скопје и куп-финалистот Кожув, но уште поважна одлука беше објавена подоца во текот на денот, со листата на сали кои се прифатливи за федерацијата за во нив да може да се играат официјални прволигашки натпревари.
Самата листа е алармантна ако се знае дека само пет од 12-те прволигаши имаат пријавено сали кои ги исполнуваат нормите на федерацијата, и тоа МЗТ Скопје, Феникс (Јане Сандански), Пелистер („Боро Чурлевски“ во Битола), Куманово (Спортска сала Куманово) и Тиквеш („Јасмин“ во Кавадарци). Од останатите, Маџари и ТФТ дополнително треба да објават каде планираат да ги играат своите домашни натпревари, додека Работнички, Ангели, Гостивар, Кожув и Чаир ќе треба да ги отстранат недостатоците доколку сакаат да бидат домаќини во салите во кои до лани ги пречекуваа противниците.
Најпроблематично делува Работнички, кој ја има пријавено салата „Фискултурно“ во Скопје, која иако неодамна беше реновирана, сепак, не исполнува неколку услови за добивање зелено светло за прволигашка кошарка.
Меѓу другото, неофицијално сериозен потфат во речиси сите сали кои не ги исполнуваат условите, е издвојување на посебна судиска соблекувална со туш и со санитарен чвор, нешто што прволигашите тешко дека ќе успеат да го изменаџираат и корегираат на така краток рок до стартот на сезоната.

Колку што е трагично што во 2025 година воопшто разговараме за топла вода, тоалети и нормални температури (тој проблем дополително ќе се појави, како што ќе се приближува зимата), тоа самото по себе е и аларм – дека конечно, еднаш и засекогаш мора да се постават правила што ќе бидат исти, што ќе се почитуваат стопроцентно, особено кога станува збор за инфраструктурата која е рак-рана не само на кошарката, туку и на целокупниот македонски спорт.
„Проблем“ за луѓето од федерацијата сигурно е фактот што „избори се ближат“, а добро познато е дека сите муабети поврзани и со најситни инвестиции завршуваат со „после избори, ќе средиме“. Спортските сали чекаа и дочекаа десетици избори, се менуваа и премиери и градоначалници, но на една рака можат да се избројат оние кои вистиски и суштински придонесоа да се направи чекор напред во спортската инфрастуктура.
Овој потег на МКФ мора да истрае, бидејќи ако се сака професионален спорт, мора да постојат професионални услови, нешто што за жал за нас е мисловна именка со години наназад, особено во мак-баскетот. Така, се доведовме во ситуација во 2025 се уште главна тема да ни се тоалети, топла вода за туширање, ладни сали и што уште не… Затоа, решителноста еднаш засекогаш да се реши овој голем проблем е за поздравување, бидејќи само со такви чекори конечно може да се тргне напред во кошарката, не краткорочно, туку на долги патеки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

