Македонската Кошаркарска Федерација утре ќе излезе пред клубовите прволигаши со конкретен предлог околу бројот на странски кошаркари кои ќе настапуваат за македонските клубови од елитното друштво почнувајќи од наредната сезона. Странците се болна тема во мак-баскетот веќе извесно време, а раководството на МКФ на почетокот од месецов одржа и јавна дебата на која се дискутираше околу решавањето на овој проблем и давање на поголема шанса на младите македонски играчи во текот на првенството.
„Темата „број на странци“ и евентуалната промена на тој број наиде на позитивни, но и на негативни коментари поради што Македонската кошаркарска федерација организира јавна дебата. На јавната дебата, одржана на 4. јуни, беа истакнати предлози од страна на присутните во врска со правилото за странски играчи, за правилна имплементација на истото, позитивните и негативните страни од промена на правилото, како и за бројот на учесници во Првата лига (мажи). Македонската кошаркарска федерација ги зема предвид сите предлози и во текот на утрешниот ден (среда, 20. јуни) ќе одржи состанок со претставници на клубовите од ПЛМ и ќе се изјасни со конкретен предлог на оваа тема“ – објавија од МКФ.
Само за потсетување, согласно моментните пропозиции бројот на странски играчи кои можат да бидат регистрирани изнесува шест, со тоа што тимовите во секој момент од мечот мораат на терен да имаат најмалку двајца македонски кошаркари.
ЕКИПА дознава дека во предлогот на куќата на кошарката оваа бројка дефинитивно ќе биде намалена, и тоа најверојатно на четири, а можно е дури и на тројца странски играчи. Воедно, можно е наместо двајца отсега на терен задолжително да има по тројца домашни кошаркари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА