Ѕвездата на Рома, Мкхитарјан тргнат од репрезентацијата на Ерменија: „Причините не ми се убедливи…“

Ѕвездата на Рома, Хенрик Мкхитарјан е изненаден од одлуката да биде тргнат од репрезентацијата на Ерменија, која е во групата од квалификациите за СП 2022 заедно со Македонија.

Ерменија во јуни ќе игра пријателски натпревари со Хрватска и со Шведска, но офанзивецот на Рома не е повикан, што вистински го изненадило.

„На мое изненадување членовите на стручниот штаб ме известија дека од различни причини не сум повикан за престојните натпревари. Наведени официјални причини воопшто не ми се убедливи. Но, им посакувам многу среќа на нашите момци на престојните натпревари“ – напиша Мкхитарјан на својот Твитер-профил.

Тој сезонава беше водечки стрелец на Рома со 13 гола на 34 натпревари и далеку најдобар фудбалер на Ерменија, која по три натпревари е водечка со исто толку победи во квалификациската група за СП 2022 во која е со Македонија, Германија, Романија, Исланд и Лихтенштајн.

Очигледно е дека има недоразбирање меѓу селекторот Жоакин Капарош и Мкхитарјан, затоа што откако Шпанецот е на клупата на Ерменија тој одигра само два од можни девет натпревари.

Се вчитува...