Младата репрезентација на секои две години со нов почеток: Селекција, запознавање, воигрување – резултати (ФОТО)

Без сомнение најспецифичниот процес во фудбалската изградба се токму младите селекции кои во огромна мера го носат товарот на идните сениорски резултатски успеси.

Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 години, под палката на Благоја Милевски, на секои две години со нов почеток во изградбата на новата генерација. И додека една селекција во сениорската конкуренција минува заедно низ неколку квалификациски циклус, младата репрезентација постојано од нула во желбата за нови успешни настапи.

Фудбалерите до 21 година сега го имаат и финалниот собир за септемврискиот старт на квалификациите за ЕП. Со сосема нов избор од кој ќе треба да се одберат најдобрите кои ќе чекорат низ желбата за надминување на резултатите на претходниците.

„Јасно е дека работата во младата селекција е специфична токму и од тој аспект, што на секои две години, имате само девет до десет месеци, и тоа само низ неколку собири, да креирате комплетно нов состав, минувајќи ги сите фудбалски процеси од селекција, меѓусебно запознавање, тактичко-техничко прилагодување и воигрување, и на крајот секако резултати. Без разлика колку е краток тој период, резултатите постојано мора да бидат финална цел“ – вели селекторот Милевски.

И поранешниот македонски селектор Бошко Ѓуровски неодамна нагласи дека за да се стигне до успешни резултати во репрезентативниот фудбал треба најмалку четиригодишен континуитет на еден ист тим…

„Е, тоа во работата со младата репрезентација е невозможно затоа што на секои две години се крои комплетно новата генерација. Токму затоа ние може да бидеме задоволни што изминативе четири години стигнавме и до настап на Европско првенство, и во последниот квалификациски циклус само поради промената на начинот на пласман среде циклус, не успеавме да дојдеме до бараж за ЕП“ – дополнува Милевски.

ЃОРЃИ ЈОВАНОВСКИ – ТВОРЕЦОТ НА ГОЛМАНСКОТО РЕПРЕЗЕНТАТИВНО НАСЛЕДСТВО

А, во А-репрезентациата која ова лето ќе настапи на ЕВРО 2020 се 11 фудбалери кои беа дел од историското ЕП 2017, а дополнети и со Јанков, Чурлинов и Милан Ристовски кои беа дел од последната генерација на селекцијата до 21 година.

Голманот на Работнички, Ристе Јанков како и Дамјан Шишковски во сениорскиот тим се дел и од „наследството“ на тренерот на голманите во младата селекција, Ѓорѓи Јовановски, кој претходно беше одговорен и за Игор Алексовски, Дени Илиев…. За да сега под негов надзор во националниот тим се Денковски, Серафимов, Анѓелковски и Николоски.

„Јовановски ја има комплетната слобода за работа со голманите, одговорен за целокупниот тренажен процес, надзор, развој, мислење и препорака околу натамошниот чекор кон сениорската репрезентација. Во младите селекции секогаш имало одлични голмани кои потоа продолжуваат со богати кариера. Единствена штета е што Игор Алексовски повредите малку го оддалечија од репрезентацијата, и тоа токму во моментите кога требаше да дебитира со Шпанија. Во секој случај, знаеме дека и во следниот квалификациски циклус нема да има проблеми за голманската позиција“ – истакнува селекторот Благоја Милевски.

 

Се вчитува...