Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 21 година денеска од 15 часот во Анталија, Турција, ја очекува дуелот со Летонија, еден од трите пријателски натпревари за време на подготовките за новиот квалификациски циклус кој стартува во септември.
Избраниците на Драган Канатларовски веруваат дека може да дојдат до квалитетна претстава и победа против незгодниот тим на Летонија. Одличниот фудбалер од одбраната на нашиот млад национален состав, Виктор Крстевски на утрешниот натпревар очекува офанзивна Македонија која ќе атакува на победа.
„Се наоѓаме во одлична физичка подготвеност. Речиси сите фудбалери се на располаѓање на тренерот. Имавме одлични подготовки во претходните денови, со нетрпение го очекуваме утрешниот дуел против Летонија. Тренинзите и контролните мечеви во Анталија ќе ги искоростиме на најдобар можен начин за да се подобриме и корегираме во одредени сегменти од играта, се со цел да бидеме што подобро подготвени и во добра форма за стартот на квалификациите“ – вели Крстевски и дополнува:
„Имаме извонреди услови за работа, владее одлична позитивна енергија помеѓу нас фудбалерите, ги слушаме инструкциите на нашиот селектор, тренираме напорно и одлучно, верувам дека само со ваков пристап можеме да постигнеме нешто големо. За мечот против Летонија очекувам голема борба и пожртвуваност од наша страна. Целта е јасна, а тоа е победа. Сакаме да докажеме уште еднаш дека оваа генерација поседува победнички менталитет.“
Покрај мечот со Летонија, нашите млади фудбалери овој контролен период во Анталија ќе одиграат и против Финска (25. март) и Словачка (28 март).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА