Младен Ѓуроски: Перо Антиќ повеќе не е предводник на кошарката, нашата борба не застанува…

Јасно беше дека вчерашното Собрание на КФСМ ќе покрене лавина од реакции и битката за раководењето со куќата на кошарката допрва ќе се разгори.

Во тој правец, денеска соопштение испрати Младен Ѓуроски, долгогодишниот македонски кошаркар, сега успешен бизнисмен, зад чија кандидатура застанаа 39-те делегати на вчерашното собрание. Ѓуроски во соопштението јасно става до знаење дека тој го има легитимитетот кај клубовите и делегатите, а не актуелното раководство на чело со Антиќ.

„Перо Антиќ од вчера повеќе не е предводник на македонската кошарка, тоа веќе е јасно како ден. Со убедлив резултат 39-7, членките на Собранието на КФМ се изјаснија дека тој повеќе нема кредибилитет да биде на чело на макбаскетот. Антиќ можеби формално уште ја има функцијата претседател, но го нема тоа што е најважно – легитимитетот од клубовите, кои јасно му дадоа до знаење дека неговото време е минато и дека се потребни нови луѓе, со свежи идеи кои би го кренале овој спорт на далеку повисоко ниво од сега.

Тој на вчерашниот собир, со грубо кршење на деловникот, за момент избегна официјална смена од позицијата на која се наоѓа, но со тоа не се спаси туку само го пролонгира тоа што го сака огромното мнозинство од клубовите во Македонија. На Собранието дури 39 од присутните 46 членки му кренаа „црвен картон“ давајќи му до знаење дека треба да си оди, нешто што порано или подоцна ќе мора да го прифати како реалност. Антиќ мора да си замине и поради тоа што дозволи Собранието да се прекине без усвојување на финансискиот извештај на Федерација, што дополнително може да донесе реперкусии за македонската кошарка, а со тоа и за клубовите кои ја сочинуваат.

Нашата борба не застанува тука, таа ќе продолжи сѐ до моментот кога ќе се испочитува волјата на клубовите. Наша цел не е насилно рушење и правење штета, туку промени во интерес на македонската кошарка, според сите правни и морални норми. Затоа ќе продолжиме легалистички, според Статутот на КФМ и законите на државата, да направиме сѐ за да се испочитува волјата на клубовите бидејќи сите заедно се бориме за подобро кошаркарско утре.

Младен Ѓуроски, кандидат за претседател на КФМ, со членовите на „Иницијативниот одбор“ за промени во КФМ

Се вчитува...