Македонските кошаркари максимално подготвени го дочекуваат стартот на новиот квалификациски циклус и премиерниот дуел вечерва против Естонија (20.15 часот). Александар Тодоров ги избра кошаркарите со кои ќе им се спротивстави на Естонците, а и селекторот и репрезентативците се задоволни од сработеното во овие мини-подготовки.
„Конечно се вративме во тие главни квалификации за да играме за настап на едно европско првенство. Првиот дуел ни е со Естонија, најверојатно и најважен за нас. Имавме доволно тренинзи да се подготвиме што е позитивно за нас, за поздравување е и одлуката на федерацијата да го одложи Купот на Македонија за да ни даде повеќе време за подготовки. Подготвени сме добро, имавме ситни проблеми со повреди и со вирус, но верувам дека сите ќе бидеме максимално подготвени за настап“, изјави Љубомир Младеновски пред вечерашниот натпревар.
Според центарот на „црвено-жолтите“, решавачка ќе биде инспирацијата на играчите на теренот, за која очекува да биде во наша корист.
„Немаме премногу информации за Естонците бидејќи и тие настапуваат со подмладен состав, воедно и имаат нов селектор, но токму затоа ние се фокусиравме на нашата игра. Гледавме некои нивни индивидуални карактеристики, мислам дека ќе знаеме како да ги запреме, подготвени го дочекуваме овој натпревар. Ќе одлучи моменталната инспирација, а таа ќе биде на наша страна, бидејќи играме пред наша публика од која очекувам силна поддршка на овој меч“, истакна центарот на нашиот национален тим.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА