Центарот на македонската репрезентација, Љубомир Младеновски, очекува тежок натпревар против Романија, но и продолжување на добрите игри на нашиот национален тим и пласман во главните квалификации од Евробаскет 2021. Целта е јасна, македонската кошарка да се врати онаму каде што припаѓа – во елитното друштво од овој спорт на „Стариот континент“.
„За жал дојде до пад на македонската кошарка по оној историски успех во Литванија и сега целта ни е што поскоро да стигнеме до пласман на еден европски шампионат. Можеби навивачите не беа навикнати на некои неочекувани порази како оние што ги претрпевме во последните години, но ние сме една нова, помлада генерација, која допрва се докажува. Сега засега ни оди добро во овие претквалификации, ни останува уште овој последен натпревар со Романија, да ја довршиме започнатата работа и потоа од септември да ја почнеме битката за пласман на Евробаскет 2021, искрено се надевам дека ќе учествуваме на еден така голем настан“ – истакнува Младеновски.
Македонските кошаркари денеска во 17 часот во Плоешти против Романија го играат својот последен натпревар од претквалификациите за Евробаскет 2021. „Црвено-жолтите“ моментно се наоѓаат на првото место на табелата, а задржување на врвот ќе им донесе дури и пораз до 14 поени разлика на денешниот натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА