Љубомир Младеновски е еден од оние играчи кои се на списокот на селекторот Александар Тодоров кој веќе е во некој натпреварувачки ритам, зад него и екипата за која настапува и оваа сезона се доволен број на квалитетни натпревари како оние четири во изминатите две седмици во „балонот“ на Златибор кој го организираше АБА 2 лигата.
„Конечно по помало одложување во домашната првенство, почнавме пред две и пол недели со мојот клуб, Работнички во АБА 2 лигата, каде се играше по еден турнирски систем. Би се рекло, се собраа доста натпревари за кратко време. Завршивме пред неколку дена. Имавме и неколку дена да се одмориме, да се опоравиме. Сега ни е прв собир со репрезентацијата. Малку е тешка ситуацијата поради вирусот, со оние тестирања, со заболени, моменти во кои не се знае ништо, ни кој ќе патува, во кој состав ќе бидеме во Талин. Овие неколку дена ќе тренираме тука, во Скопје. Во понеделник патуваме за Естонија. Позитивно е тоа што ќе бидеме неколку дена порано во Талин. И се надевам дека ќе имаме доволно време да се воиграме со новиот Американец и со Војдан. И со нив заедно во тимот да одиме на двоцифрена победа против Естонија“, вели Младеновски.
Тој смета дека фокусот треба да биде мечот со Естонија кој ќе биде клучен за пласман на Европското првенство.
„За Естонија знам повеќе, затоа што веќе игравме еден натпревар дома. Немаат некоја висока екипа, и играат доста брза кошарка. Тоа во овој момент можеби и ќе ни одговара, затоа што имаме дефицит на високите позиции. За средбата со Италија, немам некои детални информации. Знам дека резултатот им е во ‘втор план’. Дека играат со подмладен состав и дека покрај тоа, исто така биле квалитетни. Иако првиот натпревар ни е со Италија, лично мислам дека нашиот фокус треба да го поставиме на втората средба, со Естонија. За да се сконцентрираме на него, и да победиме со двоцифрена предност, и за да ни остават ‘живи’ шансите за пласман на Европското првенство“- завршува Младеновски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА